Македонија
6. August 2020 - 17:00

Партиските преговори во полн ек, кој ќе успее прв да формира Влада

Откако и двете најголеми партии синоќа се пофалија дека обезбедиле парламентарно мнозинство, денеска од истите партиски седишта се испраќаат смирувачки тонови. Велат дека се водат преговори ама не откриваат во кои партии гледаат коалициони партнери.

Лидерот на СДСМ, денеска пред германската амбасадорка со која разговарал за актуелната политичка состојба во државата, ја информирал дека партијата води сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и нова Влада. 

Од СДСМ информираат дека лидерот на партијата Зоран Заев на денешната средба со германската амбасадорка со која разговарал за актуелната политичка состојба во државата, ја информирал дека партијата води сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и Влада.

„Водиме процес на разговори преку кои ќе обезбедиме сигурно стабилно парламентарно мнозинство преку кое ќе обезбедиме нова, одговорна Влада со полн четиригодишен мандат. Развој и унапредување на економијата и реформи во правосудството ќебидат врвни приоритети  на новата Влада предводена од СДСМ и тоа ќе го покажеме уште во првите 100 дена од мандатот“, изјавил Заев пред амбасадорката на Германија..

И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека работат на формирање парламентарно мнозинство. 

„ВМРО-ДПМНЕ како што можевте да видите и вчера низ медиумите каде што имав одговор  на прашање, работи на формирање на парламентарно мнозинство и информации од непотврдени и неидентификувани извори ниту ги потврдуваме ниту ги демантираме. Гледаме дека СДСМ и Заев викаат дека имале мнозинство, а пак од друга страна тоа не го потврдуваат политичките партии. Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори  „СДСМ има мнозинство“ не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласи на тоа“, изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, партијата на Села негира дека води разговори кои Алијанса за албанците ќе ја внесат во идната влада. Зијадин Села вели дека таа шанса првин ја отстапува на ДУИ која ветила премиер албанец.