Македонија
30. May 2020 - 14:51

Пендаровски: Партиите беа блиску до договор за датум за избори, но во последните два дена комуникацијата е прекината

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека, според неговите сознанија, пред да се случи новите трендови поврзани со пандемијата политичките партии биле блиску до договор за датум за избори, но оти поради развојот на ситуацијата и порастот на бројот на заболени и починати, разговорите се прекинати.

-Политичките лидери имаат комуникациски канал меѓу себе, тие тоа јавно го кажуваат и факт е дека и јас имам комуникациски канал и практично секојдневна комуникација со секој од нив. Она што го знам, до пред некој ден, барем додека не излезе оваа нова ситуација во делот на трендовите врзани со пандемијата, неколку од тие клучни, да не се навредат другите политички лидери, главните во власта и во опозицијата беа прилично блиску до датум. Ако ми е дозволено да шпекулирам без да споменувам имиња и датуми, тие беа во рамки од 10 до 15 дена можеби и поблиску според одредени нивни искажувања затоа што во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон и со уредба со законска сила може да се гласа и во среда да речеме, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.

Меѓутоа, потенцира Пендаровски, она што јас го знам е дека во последните два дена тие комуникации се прекинати, претпоставувам заради новиот развој на ситуацијата.

-Јас веќе реков, и сакам сега да нагласам уште еднаш дека државата не може вечно да биде во вонредна состојба за некако да функционира. Ние ќе мораме да имаме политички институции. Нивно е да решат кога е според нив најдобро да имаме датум за избори, меѓутоа факт е дека короната ќе трае, факт е дека вакцина не е ни најавена дека може да има. Многу држави во светот шпекулираат дека е можно и цела 2021 година да немаме вакцина и се престројуваат во согласност со тие проценки вклучително и политичките процеси ќе треба да доведат до кредибилни и легитимни политички институции, рече Пендаровски.

Не можеме, рече, да кажеме дека во септември, во јули, во август дека ќе биде битно поинаку затоа што државата нужно мора, како и сите држави во светот да се отвора.

-Мерките мора да попуштаат бидејќи поинаку ќе дојдеме во економска катаклизма, не катастрофа. И главното прашање за сите надлежни, а пред се за одговорните политички лидери е како да направиме избори и како да ги тераме, да ги водиме на соодветен начин сите битни процеси во оваа земја, како да се менаџираат сите битни процеси во оваа земја покрај короната и наспроти короната, значи заедно со короната. Без тоа е илузија да размислуваме. Што ако не би имало. За жал, и во јуни и во јули и во август и во септември, за жал, веројатно и до крајот на годината, а и потоа ќе има и новозаразени и за жал и починати. Ние мораме да научиме и да живееме и да го организираме нашиот живот покрај ова или во рамките на оваа пандемија. Нема друго, рече претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.