Македонија
16. January 2021 - 16:37

Пендаровски се надева на помош од новата американска администрација

Бугарскиот одговор на Акцискиот план е речиси идентичен на веќе познатите барања на официјална Софоја, вели шефот на државата во интервју за МИА.

Пендаровски потврдува дека во овие документи Бугарија на маса ги става и идентитетските прашања, но за нив македонската страна не преговара.

Во овој момент ние разговараме за да ги наречам не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем. Главниот проблем го знаете – инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски. Ние, се разбира, на тоа ниту некогаш сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина, меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме во јануари, февруари, март тоа да го направиме, вели Пендаровски.

Потенцира дека земјава не треба да има големи очекувања ниту по изборите во Буарија бидејќи е јасно дека политичките партии таму имаат единствен став во однос на ова прашање. Надеж сепак остава помената на американска администрација, за која Пендаровски вели дека има многу поголемо искуство во меѓународната политика и ќе ја препознае интеграцијата на целиот регион како геополитички важно прашање.

Јас се надевам дека оваа нова администрација од 20 јануари на Џо Бајден ќе ги препознае тие компоненти на целиот комплекс прашања, затоа што и во нејзиниот тим за надворешна политика и за национална безбедност има многу луѓе што имаат искуство од деведесеттите години од Балканот и луѓе што се експерти за регионот, така што многу добро знаат дека Западниот Балкан не е таму некоја периферија, која нема никакви импликации врз пошироката континентална безбедност, вели шефот на државата.

Во интервјуто Пендаровски се осврнува и на реветингот кој по налог на НАТО се спроведува врз македонските армиски и безбедносни структури.

Вели дека тој прв ја минал проверката, додека само двајца од речиси 150 лица од највисоките политички и разузнавачки служби биле оценети негативно.