Македонија
30. November 2020 - 16:41

Плевнелиев гледа историска можност, Калфин и Ноев најавуваат старт на преговори идната година

Ова е историски момент за решање на  спорот меѓу Софија и Скопје. Екс бугарскиот претседател Росен Плевнелиев оценува дека следната година може да биде потешка затоа што има веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти под шапката на претседателот Радев. Македонскиот премиер не треба да продолжи да настојува за македонското малцинство во Бугарија  наведува Плевнелиев во анализа за 24 часа  и  и потенцира дека видлив е говорот на омраза кон граѓаните со бугарско потекло. Според него, постои добро и лошо сценарио во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Лошото сценарио е ако Скопје реши дека добитната стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото, а денес на Бугарија. Ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што правеа во последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи. Тој статус кво ќе биде во интерес само на Србија и Русија, кои продолжуваат да поттикнуваат антибугарски чувства и да отцртуваат линии на поделба во Република Северна Македонија предупредува  екс бугарскиот претседател.

Доброто сценарио вели тој е македонскиот премиер  да почне длабоки реформи, воведувајќи ги европските вредности и принципи во политиката, институциите, учебниците, тајните служби, општеството и пристапот кон историјата. 

Ако Македонија даде гаранции и јасен ангажман за тоа, вратата за преговори со ЕУ може да биде отворена во декември оценува Плевнилиев.

На темата се огласија и Бојко Ноев и Ивајло Калфин, двајца поранешни бугарски министри. Во отворено писмо истакнуваат дека во следните месеци владите во Софија и во Скопје треба да работат на политичко лидерство и меѓусебно разбирање кое никој понатаму нема да може да го доведе во прашање. Тоа е клучот за членство на Северна Македонија во ЕУ е нивниот заеднички став.

 -Обидот на РСМ да започне разговори за членство во ЕУ се соочи со нерешените билатерални прашања. Како членка на ЕУ, Бугарија има обврска да не дозволува такви прашања да бидат на агендата и на преговорите за членство и на идното заедничко постоење на двете земји во рамките на Унијата. Затоа Бугарија мора да гарантира и исполнување на оваа обврска и нејзин стратегиски интерес за пристапување на земјите од Западен Балкан, особено на РСМ во ЕУ, велат двајцата политичари.

Заложбите на германското претседателство со Советот на ЕУ за успешно продолжување на процесот на проширување заслужуваат највисоко признание. Тие се одлична основа за постигнување договор за почеток на преговорите за членство со Република Македонија уште во првата половина на 2021 година, заклучуваат Ивајло Калфин и Бојко Ноев во зедничкиот текст.