Македонија
7. October 2024 - 16:32

По Струмица, забранета е водата за пиење и во Гостивар

По Струмица, Агенцијата за храна ја забрани водата за пиење и во Гостивар. Според АХВ, забележано било зголемено присуство на манган, над дозволените граници.

Загадување покажале испитувањата на приватна фирма во петокот, вели в.д градоначалникот на Гостивар, Лимани. Истиот ден примерок земал и гостиварскиот центар за јавно здравје и според неговите резултати, водата била безбедна.

Нови примероци биле земени за време на викендот и ги испратиле на испитување во Скопје. Резултатите се уште не се стигнати, а дотогаш важи препораката водата да не се пие.

Резултатите од тестирањето на ЦЈЗ покажаа дека нема. Затоа додека не се потврди уште еднаш до утре, не можам да кажам дека има присуство на манган. За да не прејудицираме ќе ги почекаме утрешните резултати кога ќе биде потврдено дали навистина има присуство на манган“ – Валбон Лимани, в.д. градоначалник на Гостивар

Директорот на Агенцијата за храна кажа дека викендов се земени примероци од вода од повеќе локации ширум Гостивар.

Земени се мостри од вода од Џамија на улица ЈНА, земена е мостра од вода од градска чешма Центар – Гостивар и примерок од вода од изворот Вруток “ – Оливер Миланов, директор на АХВ

Во меѓувреме, Струмица веќе втора недела нема чиста вода за пиење. АХВ порача дека е потребно итно механичко чистење и хиперхлорирање на системот за водоснабдување, за да се намали нивото на манган. Засега не се знае кога струмичани ќе добијат чиста вода.

Манганот спаѓа во тешки метали и високите концентрации може да предизвикаат сериозни здравствени компликации.

Загадената вода не се препорачува ниту за готвење.