Македонија
26. October 2020 - 20:07

Почна загадувањето на воздухот - колку е опасно во ек на пандемија?

Вака изгледаше денеска главниот град во 14 часот. Веќе неколку дена аерозагадувањето е видливо и се чувствува, иако сè уште нема минусни температури, ниту грејната сезона е во полн ек.

Граѓаните се жалат на квалитетот на воздухот, што деновиве нагло се влошува. Тоа го потврдуваат и официјалните податоци за последнава седмица на Министерството за животна средина за присуството на ПМ10 честички во Скопскиот регион. 

Според пулмолозите, аерозагадувањето не само што само по себе претставува опасност по здравјето, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови.

Пулмолозите ги советуваат граѓаните дека носењето маска, но и внес на витамините Ц и Д го намалуваат штетниот ефект од аерозагадувањето.

И покрај ветувањата од надлежните и најавените мерки за справување со аерозагадувањето, жителите на главниот град се гушат уште на самиот почеток на грејната сезона. Скопје викендов веќе се најде меѓу најзагадените градови во светот, а според апликацијата Мој Воздух најзагадено беше во скопските населби Карпош, Аеродром и Кисела Вода.