Живот
30. јуни 2021 - 12:21

Почнува битолскиот џез фестивал

Од утре до 3 јули, Битола ќе живее со џез музиката. И оваа година, како и минатата, со ковид протоколи ќе се одржи Џез фабрика фестивалот во Битола. Овој фестивал, ја става Битола на листата на градови со џез култура, а на тој начин придонесува за културна децентрализација и промоција на градот низ светот, велат организаторите. 

- За оваа година подготвивме повеќе акустично издание, фокусот е на акустичното пијано, затоа што во рамките на Народен театар има нов и добар инструмент. За оваа година имавме среќа затоа што во пандемската година се создаде и сними многу интересна нова музика, имаме премиери на четири албуми кои ќе може да ги чуеме, вели Сашо Поповски, директор на Џез фабрика фестивал Битола.

Минатата година, фестивалот се одржа на отворено пред платото на битолскиот театар. Но, оваа година концертите ќе се одржат на сцената на Народниот театар.

- Јас се надевам дека голем број на посетители ќе имаме, затоа што се звучни имиња и регионални водечки имиња во џезот и мислам дека секоја година фестивалот оди во нагорна линија и се повеќе имаме посетеност и публика. Се надеваме на успешно издание со применнување на сите мерки, ќе имаме само 30% на публика која ќе биде присутна, вели Поповски.

Фестивалот е со меѓународна програма, со звучни имиња, а започнува со настапот на Васил Хаџиманов трио.