Поднесено обвинение против две лица за дивоградба во Охрид
Уште едно обвинение за бизнисменот и поранешен член на Советот на Охрид Нефи Усеини.Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен акт против две лица за кривично дело Бесправно градење. Во овој случај тој и уште едно лице на возраст од 48 години како соизвршители на 27.07 .2023 година почнале бесправна надградба на куќа на нивно земјиште во центарот на Охрид, без одобрение за градба издадено од надлежен орган која тргнале да ја прошируваат и да и доградуваат катови.
„На постоечкиот објект во центарот на Охрид изградиле доградби од северната страна, во сутеренот, приземјето и на катот, проширувајќи ги со армирани бетонски плочи и столбови, по што продолжиле да го надградуваат објектот со две армирано бетонски плочи со кои ја зголемиле неговата катност“ стои во соопштението на Основното јавно обвинителство Охрид.
Станува збор за објект од историско значење и препознатлива градба и фасада која инвеститорот првин, отстапувајќи од проектот за реконструкција, ја нарушил автентичноста и оригиналноста на градбата, ја срушил и мермерната спомен-плоча која беше потсетник на историски настан од 1941 година.
Усеини не сакаше да ги коментира ваквите обвиненија .Инаку против него во овој предмет се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на Охрид.
Се работи за дивоизградената пицерија на Усеини на државно земјиште кај охридскиот чинар во строгиот центар на градот, за која ЈО во 2022 година подигна обвинение.
-
Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар