Македонија
7. May 2021 - 19:39

Полицијата го одбележа 7-ми мај

Нулта толеранција за корупцијата и бескомпромисното владеење на законите. Цел и завет на македонската полиција, испратен по повод Денот на сината униформа. Ќе се оствари, доколку секој поединец кој дал заклетва, го пратат четири карактеристики - пожртвуваност, одговорност, храброст и морал.

Пораката ја испрати министерот Спасовски, кој на свеченоста во полицискиот центар “Ѓорче Петров” се осврна и на конкретните резултати. Вели – криминалот е опаднат, а резултатите се видливи во речиси сите сегменти.

“Така, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5 отсто, во споредба со истиот период минатата година”.

Почитување на законот и владеењето на правото се првите услови за успешна работа на полицијата, посочи и претседателот Пендаровски. Слично како и премиерот Заев кој во својата честитка повика на деполитизирање на службата, шефот на државава предупредува дека непристрасноста во постапувањето, мора да биде приоритетен принцип.       

“Полицијата треба да е деполитизирана и департизирана структура, од најниските подрачни единици до врвните сектори и управи во Министерството. Токму непристрасното постапување е предуслов за унапредување на односот меѓу полицијата и граѓаните, затоа што без нивна поддршка полицијата не може да биде целосно ефикасна”.

На Денот на полицијата, критики за Спасовски стигнаа од ВМРО- ДПМНЕ. Токму во неговиот мандат полициската служба доживеа целосна деградација, вели опозицијата, потсетувајќи на скандалите кои го потресоа МВР во изминатиов период, како нелегалното издавање на пасоши, но акцијата на американската служба кога командир на полициска станица беше фатен како обезбедува пратка со 200 килограми дрога.