Македонија
11. October 2024 - 16:34

Политичарите го честитаат 11 Октомври

Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат, нашата цел е да ја развиваме Македонија. Премиерот Мицкоски ја честиташе 83-годишнината од почетокот на Народноослободителната борба. Вели, со слога сите заедно можеме да градиме единство, иднина и просперитет.

-Иако се соочуваме со предизвици, ние зачекоривме во ера на економска трансформација и назад од тоа нема. Цврсто се обврзавме пред граѓаните дека посветено, чесно, одговорно ќе работиме за повторно да ја вратиме државата во рацете на граѓаните и работиме на тоа преку конкретни реформи, проекти и промени кои се клучни за рестарт на институциите и на системот. Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото што само по себе подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, проекти за развој, надеж која носи позитивни промени, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард, вели Мицкоски.

Собранискиот Спикер Гаши вели без оглед на влогот и потешкотиите во нивната борба, партизаните ипстоија и се изборија за слободата во која живееме денес.

Според него, Македонија денеска повторно е на вистинскиот пат.

- Таа е дел од НАТО и рамо до рамо со најмоќните сојузници. На нас како нова генерација политичари е да ја продолжиме праведната борба - денес се бориме за подобри стандарди, за просперитет, за европска иднина на Република Северна Македонија. Во денешната борба може да успееме само ако сме сплотени, здружени и единствени, вели Гаши. 

Опозицискиот лидер Филипче вели, граѓаните и државата повторно се наоѓаат пред нови битки и историски одлуки. Денешните битки, според него, се за стабилна интегрирана и просперитетна Македонија.

- За жал сведоци сме дека актуалната власт е првата македонска Влада која свесно се откажува од оваа генерациска задача. Наместо храбро да се бори за остварување на нашиот сон, таа го турка народот во самосожалување и откажување од остварувањето на нашите цели. Токму затоа на овој светол ден клучното прашање кое треба да го поставиме е дали ќе ја издвојувавме слободата доколку бевме малодушни и западневме во самосожалување тој октомври 1941 година, наместо храбро да се соочевме со предизвикот од борбата? Одговорот на ова прашање веќе го даде историјата, вели Филипче.

Освен од Гаши, чија функција наложува да го честита државниот празник, честитка не пристигна ниту од ВРЕДИ и лидерите на оваа Коалиција, ниту од ДУИ и нејзиниот претседател, Али Ахмети.

Со положување свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово беше одбележат Денот кога пукнала првата пушка. Владината делегација ја предводеа министрите за администрација и за спорт, Горан Минчев и Борко Ристовски. Присуствуваа и претставници од Собранието, Армијата и дипломатскиот кор.

11 октомври ја испиша македонската историја која не мотивира да гледаме само напред, да имаме повеќе доверба едни во други, вели кумановскиот градоначалник и претседател на владиниот партнер ЗНАМ

- Да бидеме сплотени сложни и ние Македонците и сите претставници на сите ентички заедници бидејќи оваа држава е наша. Мораме да се бориме за неа, да ја сочуваме. А тоа им го должиме на претходните генерации, вели Димитриевски.

Во Собранието беше доделена и наградата „11 Октомври“. Фолклор професорот Марко Китевски доби награда за животно дело во областа на науката.

Мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски се добитници на наградата  „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста.