Свет
22. January 2022 - 8:31

Политико“: Еден месец по поразот, таборот на Трамп сакал да ги заплени гласачките машини

Еден месец по поразот на Доналд Трамп на претседателските избори во 2020 година, со предлог за извршна наредба на Белата куќа им е наредено на највисоките воени функционери на земјата да ги запленат гласачките машини низ САД, објави Политико.

Документ објавен од Националниот архив ги открива екстремните мерки кои поранешниот републикански претседател бил подготвен да ги преземе за да остане на власт.

„Од денеска, министерот за одбрана треба да ги заплени, собира, зачува и истражи сете машини, целата опрема, сите информации складирани во електронска форма“ во врска со изборите, се вели во предлогот на три страници, кој никогаш не бил потпишан.

Извршниот декрет, од 16 декември 2020 година, предвидува и назначување специјален адвокат кој ќе покрене тужби за сите наводни измами откриени при заплената. За да се оправда предлогот на извршната наредба, документот наведува голем број теории на заговор – постојано побивани – дека гласачките машини се хакирани. Не се знае кој е авторот на овој предлог.

Тоа е дел од повеќе од 750 документи доставени до комисијата на Претставничкиот дом задолжена за истражување на нападот на Капитол, откако Врховниот суд го одби барањето на Трамп да се забрани нивното објавување.

Комисијата, составена претежно од демократски пратеници, сака да ја утврди одговорноста на Доналд Трамп и неговата придружба во нападот врз зградата на Конгресот на 6 јануари 2021 година. Една година по неговата официјална оставка, Доналд Трамп се уште тврди дека неговите избори во 2020 година биле „украдени“. Анкетите покажуваат дека тој е поддржан од повеќе од половина од републиканските гласачи.