Македонија
29. March 2024 - 21:26

Помош има само пред избори, велат бездомниците сместени во прифатниот центар во Визбегово

15 семејства живеат во мизерија во центарот за бездомници во Визбегово и се жалат дека се оставени сами на себе. Уште на влезот не’ пречекаа неколку дечиња кои се израдуваа на нашето присуство. Додека љубопитно прашуваа зошто сме дојдени, наоколу се ширеше непријатна смрдеа од купишта ѓубре околу објектите во кои се сместени. Безброј вреќи со различен отпад, па дури и изгорена покуќнина се расфрлани насекаде. 

Еден од бездомниците кои живеат таму кажа дека нема никакви услови за достоен живот.

„Знаеш како ни даваат храна? Пред гласање. И тоа не ти даваат одма. После гласањето. Со еден пакет. И за тоа не малтретираат. Чекаме станови, не даваат станови“ – Азрет Емид 

Тој тврди дека тука никој не контролира ништо. Вели доаѓа и фрла ѓубре секој што ќе стигне. Поради тоа е загрижен и за безбедноста на своите деца. За лошите услови, пак, вина гледа и кај своите комшии, оти, вели, не сите си ја чуваат покуќнината. Сведочи дека пред некој ден имале и посета.

„Сега брзо дојдоа некои луѓе донесоа алишта. Не нови. Стари. И се сликаат со нас. Партиски, може да ги знаеш. Таму се сликаа во депонијата. Им реков да има мир и за тебе ќе гласам. Дај да има тука да живееме. Децата нема кај да играат. Таму имаше машини, ама тука се кршат, крадат, никој не се интересира“ – Азрет Емид

Овој центар беше свечено отворен во ноември 2018-ма. Поранешниот премиер Заев и екс министерката за труд Царовска се шетаа по објектите и се сликаа со фамилиите, ветувајќи подобар живот за нив.
„Секој поединец е важен и секој треба да има еднакви можности за социјалната вклученост. Социјалната реформа која стартува од почетокот на 2019-та значително ќе придонесе за активирање на пазарот на трудот на најранливите категории лица, а со тоа и нивно извлекување од сиромаштија“ – Зоран Заев, поранешен премиер

Пе години подоцна, според кажувањата на бездомниците, реалноста е поинаква и сурова.

„Нема никакви услови. Никој не помага. Не ми дава државата да работам. Со мојот точак работам, да не трчам. По канти, да најдам леб. Ако најдам нешто, да продадам на пазар. Жена ми ќе проси...“ – Азрет Емид 

Овие луѓе не само што живеат во лоши услови, туку треба и да ги напуштат објектите. Пред две години им стигнало решение за да се иселат, ама се уште живеат тука.

„Дел од нив имаат лични карти на адреси низ различни градови. Социјалното домување е обрвска на локалната самоуправа, по законот за локална самоуправа“ – Јована Тренчевска, дополнителна заменик министерка за труд и социјала 

Од кабинетот на техничкиот министер за труд велат набрзо теренот ќе почне да се чисти.

„Луѓето сместени во контејнери во Визбегово се оставени во заборав, во тешка сиромаштија и социјална исклученост. Според првичните информации досега социјалните служби воопшто не ги посетиле ниту пак им пружиле некаква поддршка за социјално вклучување во системот. Токму затоа е загрижувачка оваа состојба“, пишуваат оттаму.

Според последниот попис во 2021-та, во прифатниот центар во Визбегово живеат вкупно 105 лица.