Македонија
30. July 2022 - 16:35

Порано беше тешко да се најде работа, сега е тешко да се најдат работници

Порано беше тешко да се најде работа, а денес е тешко да се најдат работници, велат познавачите на пазарот на трудот. Работна сила нема во европските земји, но нема и во Македонија. Егзодусот на работниците е перманентен. Кадрите кои се заминуваат се речиси од сите профили, високо, но и ниско квалификувани. Буквално се бара се, освен полтичари, велат посредниците за работа во странство.

Работната сила од Македонија најчесто мигрира поради лошата економска ситуација, ниските примања, бесперспективноста кај младите кои иднината ја бараат некаде надвор. Германија предничи во регрутирање на работници затоа и го поседноставува  процесот на вработување, потоа следат скандинавските земји.

Ваквиот тренд за брзо време може да се одрази катастрофално врз македонскиот пазар на трудот и затоа владата треба да направи стратегија.

Проценките се дека за десетина години само во Германија ќе имаат кусок од седум милиони работници, ако редовно не се пополнува таа дупка со увозна  работна сила. Во моментов таму се распишани огласи за 1,7 милиони слободни работни места. Германската агенција за труд бележи недостаток на работна сила во 148 занимања а уште 122 се загрозени.