Бизнис
24. November 2020 - 16:31

Повисок данок за втор имот

Тројно поголем данок на имот ќе плаќаат граѓаните за стан или куќа која не ја користат. Идејата вчера ја најави премиерот Заев, а денеска треба да помине на владина седница.  

Во моментов, граѓаните плаќаат данок од 0,1 до 0,2% од пазарната вредност на станот. Ако живеат во истиот, тогаш се намалува за 50%. Ова значи – за  стан од 50 квадрати, чија проценета пазарна вредност изнесува 50.000 евра. Данокот на имот изнесува 50 евра. Сумата двојно се намалува ако лицата живеат во станот или куќата, односно плаќаат 25 евра. Ако не живеат, или поседуваат деловен простор кој не го користат, тогаш ја плаќаат целата сума.

Со новите стапки кои ги најави премиерот, за истиот стан, граѓаните ќе треба да платат 150 евра данок.

Согласно законот, данок не се плаќа за имот кој го користат државни органи, општините, дипломатските и конзуларни претставништва, имотот во сопственост на верските,и имотот кој се смета за  културно наследнство. Од данок се ослободени и земјоделците кои имаат ниви што го користат за производство.

Данокот го наплаќат општините. За да имаат повеќе пари во буџетот и да не мора секоја годината владата да им ги покрива минусите, поранешниот министер за финансии Тевдовски уште пред 2 години предлагаше зголемување на данокот од 0,1 на  0,3 отсто. Но вакавта идеја тогаш не доби поддршка од останатите владини претставници.