Македонија
28. March 2023 - 16:39

Пратенички прашања со фокус на надзорот и смртта на малата Јана

Жестоки реакции, барањата за одговорност и истрага за надзорот на изградбата на корисодорите 8 и 10Д се најдоа во фокусот на седницата за пратенички прашања. Опозицијата обвинува дека власта ги менувала условите за време на тендерската постапка за надзорот на коридорите. За вицепремиерот Груби нема ништо спорно во постапката, најави тужби за клевета за пратеникот Миле Лефков. Премиерот Ковачевски пак вели дека за овој коридорот државата ќе плати најмалку за надзорот во споредба со другите коридори.

Иако немаше поставено прашање за уставните измени, Груби од говорница броеше пратеници од опозицијата кои според него ќе гласале за менување на Уставот. Координаторот на ВМРО ДПМНЕ пак со остра реакција ја повика власта ако се сигурни во мнозинството нека иницираат уставни измени уште денеска.

Пратениците од опозицијата бараат и одговорност од здравствените власти по смртта на 6-годишното девојче од Битола. Но наместо директно да одговорат од министерство само најавија информации по надзорот.

По прашањата на мнозинството, Ковачевски одговараше и за цените на основните производи, па истакна дека државата спречила директен удар врз џебот на граѓаните, а одлуката се покажала како исправна. Државата се движела во добра насока , а зголемување имало и на минималната плата и на пензиите за пензионерите, што влијаело на стандардот на граѓаните.