Преглед на вестите од светот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски по вчерашниот состанок во Лондон во вечерните часови имаше средба и со шефот на НАТО Марк Руте и лидерите на ЕУ Антонио Коста и Урсула фон дер Лајен во Брисел. Зеленски им изјави на новинарите по состанокот дека ревидираниот план содржи 20 точки, но дека сè уште нема договор за прашањето за откажување од територија - за што Москва инсистираше.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, изјави дека задачата на украинската делегација во САД е од американската страна да добие целосни информации во врска со нивниот разговор во Москва и сите нацрти на актуелните предлози за мировен договор за Украина. Тој истакна дека сега, Украина заедно со сите партнери мора да направи сѐ за војната да биде, како што наведе, „доведена до достоинствен крај“.
Русија во понеделник соопшти дека нејзините вооружени сили ја презеле контролата врз уште две населени места во регионите Донецк и Запорожје, додека Украина, истиот ден, објави напади врз повеќе руски воени цели. Исто така, беше објавено дека во понеделник имало 87 судири во областите на фронтот. Во правец на Покровск, украинските трупи одбија 22 руски напади.
Соработката во областа на одбранбената индустрија и енергетиката беа главни теми на средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Истанбул.
Покрај средбата на двајцата лидери во палатата „Долмабахче“, беше одржана и првата средба во рамките на Консултативниот механизам меѓу двете држави, при што одбраната и безбедноста повторно беа во фокусот. Орбан, исто така, истакна дека Унгарија е многу охрабрена од соработката со Турција во областа на одбранбената индустрија. Тој ги дефинираше овие односи како отворање на нова страница.
Ердоган и Орбан си поставија нова цел за трговска размена од 10 милијарди долари. Двајцата се обединија околу ставот дека мора да се постигне мир меѓу Русија и Украина преку дипломатски напори.
Јапонските власти утрово ги укинаа предупредувањата за цунами неколку часа откако силен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени ги потресе североисточните региони, повредувајќи најмалку 30 лица и принудувајќи околу 90.000 жители да ги евакуираат своите домови.
Земјотресот го погоди брегот во понеделник во 23:15 часот по локално време. Епицентарот на земјотресот беше на 80 км од брегот на длабочина од 54 км. На јапонската скала од 1 до 7 со интензитет на сеизмички земјотрес, потресот беше регистриран како „горен 6“ во Хачинохе. Оштетени се згради и дел од инфраструктурата.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
