Loading Video...
Свет
26. March 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Страшната несреќа се случи во американскиот град Балтимор околу 1:30 часот по локално време кога товарниот брод Дали, кој плови под знамето на Сингапур удрил во еден од потпорните столбови на мостот, „Френсис Скот Ки“ што довело до негово уривање.  Бродот од ударот се запалил и потонал, додека истовремено коли паднале од мостот во реката. Од ударот конструкцијата пропаднала во водата.

Градоначалникот на Балтимор, Брендон Скот истакна дека службите примиле и веднаш излегле на местото на несреќата, но не може да се каже точно колку луѓе се погодени од несреќата и колкав е бројот на жртвите.  Сите ленти се затворени во двете насоки по ужасниот инцидент, соопшти државната автопат патрола на Мериленд.

Мостот долг три километри и е дел од автопатот кој е обиколница на Балтимор, додека бродот го напуштил пристаништето и требал да плови кон главниот град на Шри Ланка.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека на средбата  меѓу Ентони Блинкен со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, Блинкен нагласил дека „постојат и други решенија освен копнена инвазија од големи размери, која подобро ќе ја обезбеди безбедноста на Израел и ќе ги заштити палестинските цивили“. Средбата се одржа во Вашингтон, истиот ден кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа посетата на израелската делегација на високо ниво на САД. Тоа беше реакција на воздржаноста на САД на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се бара итен прекин на огнот во Газа.

Воедно по шест месеци од почетокот на војната Советот за безбедност на ОН за првпат повика на „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа. Воедно се бара итно и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи милитантната исламистичка терористичка милиција Хамас. Ваквиот резултат од гласањето во СБ беше можен поради тоа што, за разлика од претходните гласања за итен прекин на огнот, САД овојпат не ставија вето, туку се воздржаа од гласање. Останатите 14 членови гласаа за резолуцијата. Одлуката, која е обврзувачка според меѓународното право, дополнително го зголемува меѓународниот притисок врз страните во конфликтот Израел и Хамас.

Британија првпат по воздушен пат испорача храна во Газа,. Кралските воздухопловни сили исфрлија повеќе од 10 тони хуманитарна помош, вклучувајќи вода, ориз, масло, брашно, лименки и храна за бебиња на цивилите во Газа.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва бил изведен од радикални исламисти, но повтори дека Украина би можела да биде вмешана во пукањето во кое загинаа најмалку 139 луѓе. Тој не ја спомнал Исламска држава која уште во петокот ја презеде одговорноста за нападот, иако има сѐ повеќе докази дека авганистанското крило, познато како ИСИС-Хорасан, стои зад крвавиот напад. Исламска држава објави и видеоснимка од нападот, која прикажа како еден напаѓач пука во луѓето во салата.

Инаку, девет лица повредени во терористичкиот напад во Москва се во критична состојба, меѓу кои едно дете, додека 29 пациенти се во тешка состојба, изјави руската вицепремиерка Татјана Голикова.