Loading Video...
Свет
22. December 2023 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Утрешниот ден во Чешка е прогласен за ден на жалост, поради пукањето на Карловиот универзитет во Прага, каде што загинаа најмалку 15 лица, вклучувајќи го и напаѓачот.

Премиерот на Чешка Петр Фијала соопшти дека владата донесе одлука 23 декември да биде Ден на национална жалост.

Владата донесе заклучок во кој изразува длабоко сочувство до семејствата на жртвите и со едноминутно молчење на почетокот на владината седница им оддаде почит на жртвите од престрелката, рече Фијала.

Премиерот ги повика граѓаните на Чешка на 23 декември во 12 часот со едноминутно молчење да им оддадат почит на жртвите, додавајќи дека во тоа време ќе бијат и црковните ѕвона низ целата земја.

Вчера 24-годишен чешки студент го застрела својот татко, а потоа уби 14 луѓе и рани 25 други на неговиот универзитет во Прага пред веројатно да се самоубие, соопшти полицијата, означувајќи го овој настан како најлошото масовно пукање во земјата досега.

Една жена загина, а две се повредени откако вчера на божиќниот пазар во Белгија врз нив падна елка висока 20 метри. Жената го преживеала првиот удар, но починала во болница од тешките повреди.

Белгиската новинска агенција Белга објави дека огромното дрво на божиќниот саем во градот Ауденарде, на околу 50 километри западно од Брисел, не го издржало силниот ветар, кој бил проследен со обилни врнежи кои го погодиле подрачјето.

Од локалната полиција информираа дека истрагата се фокусирала на тоа дали елката било безбедно поставена и добро прицврстена во моментот кога била зафатена од јаката бура.

Повеќе од 20. 000 Палестинци се убиени во војната во Појасот Газа, соопштија здравствените власти ОДГОВОРНИ ЗА ЕНКЛАВАТА.

Статистички гледано, бројот на загинати е речиси еден процент од предвоената популација во ова место. Од почетокот на воениот конфликт, до сега од и во Газа, раселени се речиси 85 проценти од населението.

Министерството за здравство на Газа наведува дека во офанзивата се ранети над 50.000 Палестинци. Од 7 октомври до сега, Израел изврши илјадници воздушни напади, а почна и жестока копнена офанзива во обид да ги уништи воените капацитети на Хамас.

Според последните извешати само овој месец се убиени околу 2000 оперативци на оваа воена организација. Воените дејствија почнаа по нападот на ХАМАС на 7 октомври. Само првиот ден беа убиени  над 1.200 израелци и беа киднапирани околу 240 лица.