Македонија
29. May 2020 - 16:39

Прелет на воени авиони на САД и Грција во чест на Македонија во членството на НАТО

Два американски бомбардери Б-1 и четири грчки ловци Ф-16 во формација извршија низок прелет  над Скопје во чест на членството на Македонија во НАТО. Прелетот беше долж Вардар од правец на скопскиот аеродром.

Американската амбасадорка во земјава, Брнс, вели дека двете држави како сојузници се соочиле со предизвиците од пандемијата со коронавирусот.

-Денешниот прелет е израз на нашата трајна поддршка кон Северна Македонија, како и гест преку кој ви посакуваме „Добредојде“ како 30. членка во НАТО Алијансата. Со право, и точно е дека во изминатите недели најголемиот фокус беше на заедничката борба против Ковид-19, но не треба да дозволиме тоа да ги замагли историските достигнувања на земјата, рече Брнс.

Министерката Шекеринска вели дека Македонија со реформите кои ги спроведе и неуморната работа на Армијата и институциите го заслужи членството во НАТО. Армијата е подготвена и може да учествува во операциите на Алијансата.

-Денеска и на македонското небо можевме да видиме дека точна е тезата „Ние сме НАТО“. Република Северна Македонија стана 30. Членка на НАТО Алијансата после 30 годишни напори. Заедничката координирана акција на нашата Армија заедно со НАТО командите, заедно со воздухопловните сили на САД покажува дека интеграцијата не е само политичка, туку е реална, воена и одбранбена, рече Шекеринска.

Согласно протоколите на НАТО македонското небо во иднина ќе го чуваат соседите членки на Алијансата.