Македонија
6. July 2019 - 8:39

Премиерот Заев од Познањ се враќа со 43 милионски грант и политички охрабрувања

Премиерот Зоран Заев на вчерашниот Самит за Западен Балкан кој се одржи во Познањ во рамките на Берлинскиот процес, порача дека се враќа со поголеми гаранции во однос на добивањето датум за преговори, како и со грант од 43 милиони за три значајни инфраструктурни проекти.

Заев, кој вчера оствари билатерална средба со францускиот премиер, Едуар Филип, рече дека е уверен оти сите напори кои Северна Македонија до сега ги вложила за добивање на датумот, како договорот со Грција, реформите во клучните области и заложбите за еднакво општество за сите ќе донесат резултати кои Франција ќе ги препознае. 

-Дефинитивно впечатоците кај сите земји членки се неспорни, односно ние ги исполнивме сите услови, Преспанскиот договот гледате дека е тема на секоја прес конференција, на секој состанок се почнува со примерот од Преспанскиот договор, договорот со Бугарија исто така, сето тоа што дома е направено, вклучително и дијалогот со опозицијата, можам да кажам дека се нотирани како успеси преку кои не може да се помине, рече Заев вчера во Познањ.

Премиерот додаде дека резервите кои постојат кај одредени земји членки на ЕУ се однесуваат на зачленувањето во ЕУ.

-Заклучокот од овој Самит е дека гаранцијата е уште поголема, изјави Заев алудирајќи на отворањето преговори наесен, но и дека се очекува од Северна Македонија да продолжи да работи на реформите во текот на летото и сѐ до носењето на одлуката.

Франција која е земја со најголеми резерви кон процесот на проширување не беше застапена на највисоко ниво на вчерашниот самит.

Запрашан дали францускиот премиер на состанокот инсистирал на некои специфични услови за да даде зелено светло наесен, како СЈО, тој рече дека земјите членки на ЕУ се водат од извештајот на Европската Комисија.

Заев апелираше да се реши статусот на СЈО и изрази верување дека ќе се покаже “доволно флексибилност без да се наруши правниот аспект на самиот процес„.

-Ако можеме час поскоро тоа да го решиме, би било добро, ќе отвориме иницијативи деновиве но да продолжиме и со реформите во правосудството, мора да продолжиме, сега имплементацијата на законите што ги донесовме, да ја зголемиме транспарентноста, критичкиот осврт на медиумите кон власта, за да се доживеат реформите уште подобро, но и на реформата на јавната администрацијата, безбедносните служби, борбата против корупцијата, посочи тој.

Премиерот Заев порача дека овој состанок го напушта „уште поголем оптимист“ за датум во октомври.

Сличен оптимизам сподели и германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашната прес-конференција во Познањ.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали врши притисок врз скептичната Франција за зелено светло за преговори, Меркел порача дека Европската Унија и процесот на одлучување во неа не функционира со притисоци, но дека со оптимизам гледа кон есента, кога најдоцна треба да се донесе одлуката, два пати одложувана, за старт на пристапните преговори.

Германската канцеларка истакна и дека не се согласува со францускиот претседател, Емануел Макрон дека проширувањето на ЕУ и нејзиното продлабочување не можат да се одвиваат паралелно.

-Се согласувам дека треба да се подобри ЕУ одвнатре, но тоа не е причина да не се започнат пристапните преговори, тоа само по себе не е контрадикторно, изјави Меркел на прес – конференцијата по средбата на лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан на самитот во Познањ.

Освен политичките охрабрувања, премиерот Заев најави и важен грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан во износ од околу 43 милиони евра за три проекти. Трите проекти се следните: едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас.

–Овој интерконектор е можеби најзначајниот енергетски проект во овој дел на Европа. Неговата реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Државите од Западен Балкан до сега немаа можност за втор снабдувач. Со овој интерконектор РСМ ќе има можност за пристап до огромни количини природен гас – 3,5 пати поголеми количини од сегашниот капацитет, изјави премиерот.

Тој истакна дека земјава ќе се заложи овој проект да продолжи и кон Косово и Србија, со што, според него, ќе се зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, но воедно и меѓусебната поврзаност.

Вториот проект, од околу три милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце„- Скопје.

–Овој проект е придонес кон подобра поврзаност во Коридорот 8 и како продолжение на завршениот автопат Приштина- Блаце до нашата граница. Сите овие проекти имаат вредност и корист за целиот регион и ќе имаат позитивен ефект врз раздвижувањето на економијата и олеснувањето на патувањето на луѓето, изјави премиерот Заев.

Освен грантот, премиерот рече дека е почестен што идната година Северна Македонија ќе биде ко-претседавач на шестиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Бугарија. За прв пат ваков самит ќе биде организиран од страна на земја членка на ЕУ заедно со земја кандидат за членство во ЕУ.