Македонија
26. July 2021 - 16:42

Пресуда за организацијата на 27 април - 25 години затвор за обвинетите

Од шест до шест и пол години затвор добија обвинетите кои се товареа дека го организирале упадот во собранието од 27 април. Највисока казна од шест години и шест месеци, доби поранешниот собраниски претседател, Трајко Вељановски, со три месеци помалку, казнети се екс министрите Ристовски и Јанакиески, додека екс директорот на УБК, Атанасовски, е осуден на шест годни затвор. Според пресудата, доказите потврдиле дека обвинетите стоеле зад протестите кои резултирале со упад во собранието на 27 април.

При одредување на казните, судијата појасни дека во предвид била земена и амнестијата од претходниот предмет со кој беа ослободени половина од обвинетите.

Обвинителството е незадоволно од пресудата. Казната била под законскиот минимум од 10 години, па најави жалба.

Одбраната очекувала ослободителна пресуда. Велат, нејасно е дали казната е за организирање протести или за настаните од 27ми. Со пресудата се покажало дека судот верувал на сведок со криминално досие.    

Обвинителството за сите побара притвор, но судот го одби барањето и до правосилност на пресудата им одреди домашен притвор и забрана за секаква комуникација со останати лица.

Вељановски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски беа обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.