Македонија
28. September 2021 - 16:43

Претседателката на ЕК во Скопје - има ли можност за деблокада на интеграциите?

Ве молам не ја губете надежта и вербата пред последната пречка. Шефицата на Европската Комисија од Скопје порача – ве сакаме покрај нас и силно работиме да го изодиме заедно последниот километар од целта - почеток на преговорите со Европската Унија до крајот на оваа година.

Откако го пофали напредокот на Македонија и реформите во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, Фон дер Лајен јасно посочи, сега е ред на ЕУ да испорача со награда.

“Ве повикувам да не губите верба. Дојдовте доттука, изодевте толкав пат и направивте толкав напредок и навивстина ви честитам на сето тоа. Ајде сега да направиме уште еден чекор понапред. Имате поддршка од многу пријатели и во Европската комисија и ајде заедно да работиме вредно на одржување на првата меѓувладина конференција”

А последниот чекор за кој говори Фон дер Лајен е надминување на бугарската блокада. Информираше дека позади сцената се одвива интензивна работа и разговори, дека на маса има повеќе идеи кои длабоко го анализираат целиот проблем.

Премиерот Заев, пак, истакна дека решение ќе се бара во европски манири, нагласувајќи дека препознава позитивни сигнали од Софија.

“Ние и досега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку взаемно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања е невозможно да бидат предмет на преговори. Среќни сме што од Бугарија пристигнуваат сигнали на разбирање за овие прашања кои се исто така и европски вредности”

Бугарската блокада не беше единствена тема на средбата. Македонија доби 2,6 милиони евра од предвидените 15 милиони како поддршка за образованието и вработување на младите.

Шефицата на Европската комисија е на турнеја низ Западен Балкан чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Утре во Скопје, пак, ќе допатува еврокомесарот за проширување Вархеи, а се очекува главна тема да биде надминување на бугарското вето.