Македонија
28. September 2016 - 18:38

Претставници од EUROCHAMBERS на средби со државниот врв во Косово

Во насока на зголемување на регионалната соработка, претседателите на стопанските комори од Македонија, Србија, Косово и Европската комора (EUROCHAMBERS), денеска во Приштина остварија одделни средби со државниот врв на Република Косово, со претседателот Хашим Тачи, претседателот на  Собранието Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа.
 
На средбата со Тачи, како што соопштија од Стопанската комора на Македонија, се разговарало за важноста на регионалната соработка која несомнено може да биде интензивирана преку економиите, но со силна поддршка од властите во секоја од земјите од регионот. Тачи безрезервно ја поддржал иницијативата за зголемување на регионалната соработка преку коморите, која би требало да овозможи поголема благосостојба на овие простори и ќе внесе нов импулс во понатамошниот развој.

- Целта ни е да креираме подобар свет, исполнет со повеќе можности, а за тоа користиме инструмент што најдобро го знаеме, а тоа е економијата. Сепак економската слика на државите е под влијание на политичките процеси, затоа е потребна соработка помеѓу различните чинители, истакнал Арналдо Абрузини, претседател на Eurochambers.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, во истакнал дека, иако протокот на стоки помеѓу Македонија и Косово се одвива без поголеми проблеми, сепак, како што рекол, од клучно значење за зголемувањето на обемот на трговската размена е модернизација на железничката пруга која ги поврзува двете земји и изградба на модерен автопат од двете страни на границата.

На средбата со претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, акцентот бил ставен на економијата, која делува побрзо од политиката, но и на фактот дека политичката поддршка е важна за решавање на систематските проблеми кои го кочат слободниот проток на стоки и услуги, со потребата за намалување на трговските бариери.

- Добро е да се види дека постои интерес за зголемување и продлабочување на соработката меѓу бизнисмените од овие земји, што за политичарите од другата страна е позитивен сигнал. Имајќи предвид дека нашите економии се мали по обем, од особен интерес е регионалното поврзување на економски план, што во крајна линија ќе ја зголеми конкурентноста и позицијата на меѓународен план, посочил Весели. 

Последната работна средба била средбата со премиерот на Република Косово Иса Мустафа, каде поконкретно се разговарало за економските потенцијали на регионот,  а подетално била анализирана и економската структура на Косово.

- Зголемувањето на косовскиот бруто домашен производ од околу 4%, во изминатите два квартали, е генериран пред се од приватните компании, додека јавната потрошувачка во истиот приод е многу мала. Во таа насока е и констатацијата дека, бизнисите се тие кои можат да придонесат за зголемување на благосостојбата на државите, истакнал Мустафа.

Тој ја потенцирал важноста на постоењето и развојот на малите и средни претпријатија и поради фактот што ваквиот тип компании остануваат да работат во земјата, за разлика од големите кои согласно расположливиот капацитет, бизнис интересот го бараат на поширокиот регионален и меѓународен пазар, барајќи подобри услови на стопанисување. Во таа насока, премиерот Мустафа констатирал дека државите, секоја поединечно, треба да работат на стимулација на малите претпријатија, а партнерството на коморите да ја финализира успешната регионална економска политика.

На крајот од официјалната посета на Приштина, делегациите од коморите од Македонија, Србија и Eurochambers, присуствувале на отворањето на Меѓународниот саем за земјоделски и прехранбени производи, во организација на Стопанската комора на Косово, на кој учествуваат и истакнати и реномирани компании од целиот регион.