Македонија
21. September 2021 - 13:05

Превентивни мерки од СВР Битола во пресрет на ловечката сезона

СВР Битола ги соопшти превентивните мерки во пресрет на ловечката сезона која почнува на 1-ви ноември, период во кој, како што нагласуваат, се случуваат несреќи за време на лов.

Од СВР-Битола посочуваат да се почитуваат мерките на безбедно ловење во шумски и други предели предвидени за лов и совесно и одговорно користење на ловечкото оружје.

Кога се оди на лов, или се преминува на друго место,како и престојување во затворена просторија, движење со возило и слично, оружјето да биде испразнето и прекршено. Ловечкото оружје да се полни на даден знак на водачот на групата, односно со негова дозвола да започнува и завршува ловењето. Оружјето никогаш не смее да биде свртено кон другиот учесник во ловот и да не се пука во дивеч кој се движи во правец на другиот учесник во ловот, бидејќи преставува непосредна опасност по неговиот живот. Ловецот којучествува во ловот, должен е да остане во групата и не смее да го напушта ловот без дозвола на водачот на групата, потсетуваат од СВР-Битола.

За безбеден лов на дивеч, секој ловџија или сите учесници во ловот, задолжително на себе да имаат определени ознаки (капа, елек или јакна во боја) заради лична безбедност и да не се конзумира алкохол пред и за време на ловење.

– Според Кривичниот законик, незаконитиот лов е забранет и не смее да се лови за време на ловостој, и единствено може да се лови од 1. ноември кога официјално почнува ловната сезона на дивеч, информираа од СВР-Битола.