Македонија
5. December 2022 - 16:44

Приватните превозници го блокираа Скопје, граѓаните револтирани, градоначалничката молчи

Нервозни возачи, колони и свирежи, преполни градски автобуси: Скопје утрово осамна под целосна блокада.  Еден километар се вози еден час. Автобусите на приватните превозници ги опколија главните крстосници во градот, на Илинденска, Црвен Крст и Мавровка. Граѓаните лути, велат блокадите не се вистинското решение.

Автобусите ќе останат долж булеварите додека не се седне на маса со Арсовска, вели Јовановски од „Слобода превоз“. Можно е и проширување на блокадите, доколку деновиве не се најде заеднички јазик.

„Формите коишто беа применети во изминатиот период каде што градоначалничката воопшто не сакаше ниту да седне да разговара и да ги прими приватните превозници што за мене е многу јасно зошто е тоа направено, бидејќи таа нема лице да се соочи со нив, бидејќи цело време се служи со погрешни аргументи и кажува нешто што во суштина не е така, сите тие методи се исцрпени. Ние токму сакаме граѓаните да изреагираат и да го посочат вистинскиот човек којшто е проблем во оваа ситуација. Ако тие тоа не го направат, ние сме малку и не сме моќни тоа да го исполниме“ – Ленин Јовановски, „Слобода превоз“

И додека градот колабира, од Арсовска нема ни трага, ни глас. Од градот Скопје наместо одговори, наидовме на засилено полициско обезбедување. Иако за попладне најавија прес конференција, истата не се одржа.

Ова е трет протест на приватниците поради милионскиот долг од ЈСП. Минатиот понеделник ја блокираа крстосницата кај судската палата, а во петокот наредија 200 автобуси долж Илинденска.