Македонија
8. December 2021 - 16:38

Производителите изненадени од најавите за замрзнување на цената на оризот

Оризопроизводителите во шок и неверување ја примија најавата за замрзнување на цената на оризот како основен прехрамбен продукт. Во време кога цените на репроматеријалите се двојно зголемени, невозможно е велат, откупната цена на арпата и белиот ориз да стагнира, кога и актуелната е под прагот на рентабилност.

- Мора паралелено со покачување на производствените трошоци, да се покачува и оризот. Ние не можеме да бидеме робови, да работиме за државата, а таа да не злоупотребува и искористува, изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител. 

Економските експерти стравуваат дека најголемиот товар од анти инфлаторните мерки ќе го понесат производителите, што во иднина ќе рефлектира намалено производство на храна, а корист ќе имаат само трговците.

- Таа намалена побарувачка на тие нивни производи во маркетите, да не ја амортизираат со тоа што би ги зголемиле маржите на другите производи, бидејќи после тој период тоа ќе им се врати назад на самите трговски ланци како бумеранг - изјави Проф. Љупче Давчев, Економски Факултет - УГД Штип.

Давчев смета дека замрзнувањето на цените треба да се продолжи за дополнителни 2 месеци, но само за производите од увоз.

- Не верувам дека ќе влијае на намалување на увозот на некои стоки кои ги увезуваме, од овие основните и не верувам дека ќе имаме недостаток на полиците за граѓаните, во однос на тие основни продукти, додаде Давчев.

Доколку мерката се пролонгира на подолг период, државата да интервенира со интервентен откуп за стокови резерви на домашното производство и ослободување на увозниците од одредени давачки.