Македонија
16. February 2021 - 12:33

Производителите на ориз се уште ги чекаат ланските субвенции

Оризопроизводителите од Кочанско повторно останаа со „кратки ракави“. Велат, излажани се по трет пат од страна на Министерството за земјоделие, зашто им беше ветено дека субвенциите за минатата година по хектар посеана површина ќе им бидат исплатени до Нова Година, па до крајот на јануари и на крајот до 15 февруари. Меѓутоа, до денес, на нивните сметки нема „легнато“ ниту денар.

Мислам дека со ова ги „поминаа сите граници“, ниту пак некои информации други имаме кога и како ќе се исплатат. Значи, како ние да не постоиме- изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од С. Облешево.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој велат дека работотат со редуциран капацитет во согласност со владините мерки поврзани со КОВИД 19 пандемијата и дека нема доцнење на исплатата зашто крајниот законскиот рок за исплата на субвенциите по Програма 2020 година е 30-ти јуни, 2021 година. 

- Затоа сме принудени на 23 февруари, вторник, во 10 часот, патот Штип-Кочани да го блокираме, ние друга опција немаме - додаде Арсов.

Деновиве се бележи и континуиран пад на откупната цена на белиот ориз.

Од 41 на 37 денари падна, а цената на пазарите на белиот ориз е од 70 до 100 денари. Е сега, каде е логиката. 100 % заработувачка, никаде го нема тоа - изјави Арсов.

Доколку не им се исплатат субвенциите до пролетната сеидба и не се реши проблемот со откупната цена, Арсов најави дека ќе ги повикаат оризопроизводителите на граѓанска непослушнот.