Промоција на нови судии и јавни обвинители, IX генерација чека одлука
Кандидатите за судии и јавни обвинители кои заради изборите не беа вработени како слушатели на Академијата, се уште не знаат дали ќе следат настава. Одговор нема ниту директорката на Академијата.
Трајкоска-Стрезоски, вели одлуката е во раце на Управниот одбор кој треба да реши дали кандидатите ќе продолжат со настава.
„За таа генерација одлука треба да донесе Управниот одбор, веднаш штом ќе биде донесенеа одлуката, ќе биде објавена на нашата веб страница. Каква е таа одлука? Треба да одлучи Управниот одбор дали да продолжи оваа девета генерација“, изјави Ирина Трајкоска-Стрезоски, Директор на Академија за судии и јавни обвинители.
Претходно Управниот суд во спор меѓу академијата и кандидатката за претседател Силјановска Давкова, одлучи дека заради изборите е недозволено вработувањето на 130 кандидати за судии и обвинители. Додека тие чекаат да дознаат дали ќе продолжат или конкурсот ќе биде поништен, нивните колеги од претходната генерација, денеска ги добија уверенијата за судии и јавни обвинители.
Вкупно 97 во следниот период ќе го амортизираат недостигот од судии и обвинители. Поголем дел од нив ќе работат во внатрешноста на државата.
„Од оваа генерација, скоро 40 се надвор од Скопје. Значи ќе имаме 40 судии надвор од Скопје, оглас за 40 судии. Од тие градови потекнуваат, претпоставуваме дека ќе се јават на огласите“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет.
Претпоследната генерација беше промовирана пред скоро две години. Тогаш, судии и обвинители станаа синот на Талат Џафери, сопругата на Ислам Абази и други блиски роднини на политичари.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар