Македонија
4. March 2025 - 13:35

Промовирана студија за врсничкото насилство во училиштата од истражување спроведено во три општини

Промена на законската рамка и освен опомена, воведување соодветни конкретни казни за сторителите на врсничко насилство и за нивните родители, бидејќи неказнивоста на булингот предизвикува посериозни проблеми. Ова е една 20-те препораки од испитаници вклучени во истражување кое минатата година било спроведено во општините Кисела Вода, Гази Баба и Куманово и од кое произлегла студијата „За кохезивно и инклузивно општество - холистички пристап“. 

Меѓу препораките содржани во студијата, која беше промовирана денеска, е и регулирање на употребата на мобилните телефони во наставата како сеопфатна мерка и кодекс на однесување, а не да биде оставено по одлука на градоначалниците.  

- Се покажа како сериозен проблем и организираното обезбедување на училиштата. Има конкретен предлог да биде формирана една државна агенција која ќе се грижи за обезбедувањето на училиштата, каде што ќе бидат вработени луѓе едуцирани за безбедност и по еден таков да има вработено во секое училиште, да има комплетен мониторинг и тоа да биде раководено од еден систем, а тие луѓе понатаму би имале комуникација и со МОН, и со МВР, рече Нелко Нелковски од здружението на граѓани „Театар Боеми“ – Скопје кое го спровел истражувањето во рамки на проектот „Хепи хипо шоу – за кохезивно и инклузивно општество“ во чии рамки е подготвена студијата. 

Студијата и истражувањето го опсервираат врсничкото насилство во основните и средните училишта и целта е, како што рече тој, „развивање на вкупната свест на општеството и синхрон пристап за сеопфатна промена на размислувањето поврзано со оваа тема“. Со 40 прашања биле анкетирани 306 ученици, наставници, родители и вработени во администрацијата на трите општини и од сето тоа произлегле заклучоци и препораки. 

Врз основа на собраниот материјал било напишано сценарио и подготвена интерактивна претстава „Насилството се лечи со љубов“ која проблемот со врсничкото насилство го разгледува во негативен контекст и отвора дискусија со младите луѓе за да се дојде до позитивен заклучок. Едукативната претставата била изведувана за ученици во културните центри на трите општини кои биле соработници во проектот. За своите искуства во креирањето на претставата, на промоцијата се осврнаа младите актери Изабела Јакимова и Радо Алексовски кои се занимаваат со применет театар. 

-Добиени се резултати кои се научно опсервирани и интерпретирани и се донесени заклучоци сериозно важни за образовниот процес. Студијата е составена по методологија за да може да ги примени сите сегменти и да ги дисеминира резултатите. Во средините каде што ја дистрибуираме, учениците и училиштата ќе имаат можност да го искористат методот, да подготват претстава, за која сценариото е содржано во оваа студија, методологијата како се подготвува процесот и сите информации и одговори кои се добиени од испитаниците. На крајот има и 20 препораки кон институциите што го третираат врсничкото насилство, соопшти Нелковски.  

 „Хепи хипо шоу – за кохезивно и инклузивно општество“  на Здружението „Театар Боеми“  е потпроект од голем, како што рече, носечки проект финансиран од Европската Унија и  спроведуван од здруженијата „Отворена порта“ и  „Хуманост“.