Македонија
8. January 2017 - 8:16

Прооден патот Свети Николе-Куманово

Патниот правец Свети Николе-Куманово кој беше во прекин поради снежни наноси од 04:50 часот е прооден за сите видови возила, соопшти АМСМ.

На планинскиот премин Плетвар, како и на патните правци Маврово – Дебар и Кочани – граничен премин Делчево сеуште важи забраната за движење на тешки товарни возила.

Затворени се за сообраќај патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце, а поради наноси од снег во прекин е сообраќајот на патниот правец Прилеп - Витолиште.

На патниот правец Куманово – Крива Паланка сообраќајот се одвива отежнато поради наноси од снег.

Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег по коловозите, по интервенција на екипите на Македонија Пат.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста  појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Мак. Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово – Дебар - Струга, Д. Капија - Удово, Катланово - Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен - Буково.      

Од 15-ти Ноември на сила стапи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 Март 2017 година.