Македонија
7. јуни 2023 - 12:18

Протест на жителите на пробиштипско с. Неокази поради сеча на зелениот појас

Жителите на пробиштипско Неокази, протестираат поради уништување на зелениот појас во атарот на нивното село заради изградба на фотоволтаична централа. Сметаат дека боровата шума е садена за општо добро и заради почиста и здрава животна средина.

- Проблем се боровите кои мојата генерација ги садеа, а сега некој си дозволува да ги сече до уништување. Затоа прашувам, дали има надлежен за тоа да се стопира и на кој начин би се спасиле, изјави жител на Неокази, пробиштипско.

Одговор на прашањето на мештаните побаравме од првиот човек на општината Драган Анастасов, кој потенцираше дека се работи за приватни парцели и локалната самоуправа нема никаква надлежност. Парцелите биле во сопственост на жители од Неокази, кои одлучиле да ги продадат на приватен инвеститор.

- Причина за продажбата на земјиштето, најверојатно е што тие не го обработуваат години, па и децении наназад, како што е впрочем и на поголем дел од територијата на општина Пробиштип. Она што се однесува до инвестициите во фотоволтаици, најнапред секој инвеститор мора да добие услови за планирање од Агеницијата за просторно планирање, каде се утврдува категоризацијата на земјиштето. Се она што е над 5-та категорија на земјиште, добиваат дозволи за урбанизација на таквите парцели, изјави Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.

Анастасов ги охрабри жителите доколку сметаат дека е прекршен некој член од Закон да реагираат до надлежните институции, но нагласи и дека инвестирањето во добивање на зелена енергија, ќе биде од голема полза за граѓаните во услови на енергетска криза.