Македонија
17. September 2021 - 20:03

Протести во Тетово - роднините на жртвите бараат одговорност

Барање за оставка на владата, пцости за функционерите на ДУИ и градоначалничката Арифи. Во ваква атмосфера се одвиваше неколкучасовниот протест низ тетовските улици со кој се бараше правда и одговорност за жртвите во модуларната болница. Протестот почна од центарот на градот, а прва дестинација на демонстрантите беше општинската зграда кон која фрлаа јајца.

Стотиците демонстранти се упатија кон седиштето на ДУИ. Безуспешен беше обидот да се приближат до партиското седиште. Полициски кордони распоредени низ улиците во Мала Речица не дозволија протестот да заврши пред Демократската унија за интеграција, па на моменти атмосферата стануваше тензична.

Малкумина од присутните сакаа да говорат на македонски. Жител на тетовско Безовце, пред почетокот на протестот, рече дека за трагедијата одговорност има владата и побара нејзина оставка.

Од владејачката ДУИ обвинија дека протестот бил оргнаизиран од опозицијата.. Велат, трагедијата се користела за собирање политички поени.

Демократската Унија за Интеграција ги повикува политичките опоненти дa не си поигруваат со чувствата на граѓаните и со тоа да не ги отвораат раните на членовите на семејствата.

Во опожарената модуларна болница, денеска не беа присутни германските експерти. Објектот се уште го обезбедува полицијата.