Балкан
19. јуни 2024 - 14:12

Првата пресуда за масакрот во селата кај Младеновац: Вујкото на Урош Блажиќ ослободен, роднината осуден на 18 месеци

Борис Гавриловиќ, роднината на Урош Блажиќ, е осуден на 18 месеци затвор, а Горан Гавриловиќ, вујкото на убиецот е ослободен.

Ним како соизвршители им судеше Вишиот суд во Крагуевац за кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.

На Урош Блажиќ му се суди за убиство на девет и ранети 12 лица во Дубона и Мали Орашје во страшниот масакр што се случи на 4 мај минатата година. Откако го извршил делото, Блажиќ побегнал во викендицата на својот вујко во Крагуевац, каде се криел додека не бил уапсен на 5 мај во утринските часови.

Судењето на Урош Блажиќ ќе продолжи во судницата на Централниот затвор во Белград, бидејќи во мај годинава прелиминарното рочиште беше одложено по инцидентот што се случи кога родителите на убиените деца од овие две места го нападнаа убиецот кога тој влезе судницата.