Балкан
3. September 2022 - 17:54

Радев ги посети настраданите од поплавите во реонот на градот Карлово

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го посети село Каравелово, во реонот  на градот Карлово, зафатен од поплави.  Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев кажа дека природната катастрофа во еден дел е поради климатските промени и побара да се отворат повеќе места во Бугарија каде ќе има единици за итна помош, а во перспектива да се размислува и за тимови за итна превенција  и многу добро обучени експерти. 

Според него, сега е најважно да продолжат увидите, за спасувачите да се уверат дека нема луѓе во опасност.    

Заедно со претседателот Радев во посета на Карлово се и преодниот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Дерменџиев и началникот на одбраната. Радев разговара со екипите кои учествуваат во спасувањето на повредените.  Доколку има потреба двата хеликоптери „Кугар“ повторно ќе бидат употребени за спасувачки операции, како што беше случајот вчера.  Поплава има и во селото Трилистник кај Пловдив, каде дел од селото е под вода поради поројниот дожд, а бугарските власти ја почнаа евакуацијата на жителите.

Најголемиот граничен премин меѓу Бугарија и Турција, Капитан Андреево – Капикуле, сега е отворен откако синоќа беше поплавен од надојдената вода. Автомобилите морале да се извлекуваат со специјална опрема, а други биле поплавени.  Бугарските власти советуваат лицата кои патуваат кон Турција да минуваат низ соседна Грција и оттаму да влезат во неа, поради подобрите временски услови.