Балкан
19. September 2022 - 10:43

Рама: Ги повикувам албанските граѓани да престанат илегално да влегуваат во Обединетото кралство

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за британски „Телеграф“ ги повика албанските граѓани да престанат илегално, со чамци да го преминуваат Ла Манш доведувајќи го во опасност сопствениот живот.

Тој им порачува на младите Албанци дека големите суми пари (20 до 30 илјади евра) кои ги плаќаат на трговците со луѓе да ги инвестираат во родните места, во бизниси за рурален туризам и на тој начин „да заработат повеќе отколку што можат да заработат во Велика Британија“.

-Албанската влада ќе обезбеди финансиска поддршка за ваквите планови поради загриженоста дека бројот на млади Албанци кои сакаат да го преминат Каналот е во постојан раст, рекол Рама, јави Топ чанел.

Се проценува дека до крајот на овој месец во Велика Британија стигнале околу 9.000 албански граѓани, главно од северниот дел на земјата.

-Претставници на граничните сили велат дека Албанците сега сочинуваат до 60 отсто од пристигнувањата, 100 пати повеќе од минатогодишниот број од оваа балканска земја. Се дознава дека дополнителна бројка од 2.000 Албанци стигнале до северна Франција и сега живеат во импровизирани кампови и чекаат да го минат каналот, наведува Телеграф.

Минатата недела, албанскиот парламент едногласно го поддржа новиот „меморандум“ со Обединетото Кралство за да им дозволи на албанските полицајци испратени во Британија да споделуваат криминални и биометриски информации за мигрантите од албанскиот канал, во обид да се забрза нивната депортација на Балканот.

-Агенциите за спроведување на законот се загрижени за приливот на Албанци, чии криминални банди доминираат во трговијата со дрога, со кокаин на југот на Англија и се проширија на одгледување канабис со приспособување на техниките развиени во Албанија за одгледување на ова наркотично растение, додава Телеграф.

Рама завршува со уште една порака во однос на егзодусот на младите.

-Со поддршка на владата можете да заработите многу повеќе пари отколку што можете од редовна работа во ОК, ако не се вклучите во криминални мрежи кои може да ве намамат со приказни за повеќе приходи, но на крајот ќе ве однесат во пеколот, порачува Рама.