Балкан
24. July 2022 - 17:39

Рама најави рестрикции во снабдувањето со електрична енергија и апелира на штедење

Албанскиот премиер Еди Рама  ја предупреди албанската јавност дека се можни рестрикции на електрична енергија бидејќи, како што рече, Албанија не добила доволно струја.

Тој додаде дека Владата подготвила план за вонредна заштеда на електрична енергија, во кој се предвидува и рестрикција во случај на потреба. Рама посочувајќи го примерот со Германија, каде како што рече свеста на граѓаните е на високо ниво, па почнале пократко и поретко да се тушираат, побара од граѓаните да штедат електрична енергија. Дневната потрошувачка на електрична енергија во земјата е околу 25 милиони киловат часови.

При поволни хидролошки услови потребите ги задоволува од производството на каскадата на реката Дрим, каде се три хидроцентрали, Фиерза, која е втора по големина на Балканот, по онаа на Дунав, потоа Коман и Вау те Дејес.

Поради неповолната хидрологија, поради сушата,  што услови намалено производство, но и зголемената цена на струјата, во март годинава Владата донесе наредба со која во сите градови и населени места беше исклучувано осветлувањето на јавните згради, улици, плоштади и автопати.