Македонија
1. July 2024 - 16:33

Распишан тендер за нова компресорска станица – хируршките сали на Клинички нормално ќе профункционираат во декември

Објавен е тендер за набавка на нова компресорска станица на Клинички. Според информации од заеднички служби истата ќе чини околу половина милион евра, а парите треба да ги обезбедат хируршките клиники и КАРИЛ. Огласот ќе трае 15 дена и доколку нема жалби операционите сали најрано во полн капацитет ќе профункционираат околу Нова Година. Во меѓувреме бројот на интервенции ќе биде редуциран, а се бара решение покомплицираните операции хирурзите од Клинички да ги прават во двете градски болници.

  • Во меѓувреме ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на хирургија во Клиничкиот центар, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Таравари очекува до крајот на неделата измените на законот за здравствена заштита да се најдат во собрание со што ќе се укинат економските директори кои државата ја чинат милион евра годишно, но спојувањето на Клиниките со еден директор ќе почека.

Министерот планира да се вработат привартните специјализанти кои протестираа во повеќе наврати и оваа категорија да биде укината.

  • Од септември мораме со деканот на Медицински факултет да се договориме да направиме стратегија со која што одредени специјализации ќе бидат во мирување или во мораториум, и другите ќе бидат фаворизирани. Можеби ќе размислиме и начин за мотивација за помладите доктори да одат анестезиологија, радиологија, патологија, педијатрија и други специјализации коишто ни недостасуваат во државата, рече министерот Таравари.

И на Таравари приоритет ќе му биде обновување на позитивната листа на лекови нешто што пациентите го чекаат 15 години. Најави и нов закон за редовно обезбедување на квалитетна терапија во цела држава и рационално користење на истата.

Тој најави и формирање на мобилни тимови во министерството кои ќе бидат во служба на граѓаните 24 часа да пријават доколку имаат некаков проблем не само во јавното туку и во приватното здравство.

Концептот е сличен како проектот од пред 7 години “Ало Таравари” со телефонски броеви на кои секој пациент може да се јави и да приијави доколку не добие соодветна здравствена услуга.