Македонија
12. April 2024 - 16:33

САД очекуваат Македонија да го почитува договорот од Преспа, Грција се уште нема спроведено ништо

САД очекуваат Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа.

Гласот на Америка на македонски јазик ја пренесува изјавата на портапролот на Стејт Департментот на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на преспанскиот договор.

Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ, се вели во одговорот.

Гласот на Америка потсетува и на извршната наредба која Бајден ја потпиша во 2021, со која предвиде замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица  кои не ги почитуваат Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор.

Во екот на предизборната кампања во која уставните измени и преспанскиот се дел од темите на кои се фокусираат кандидатите, пораки пристигнуваат и Атина.

Грчките медиуми пишуваат дека властите таму со внимание ги следат политичките изјави поврзани со преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања. Во оваа насока дипломатски извори за грчката агенција АНА МПА порачале и дека договорот од Преспа не може еднострано да се промени или да не се почитува.

Пораките кои пристигнуваат од Атина се малку контрадикторни особено ако се земе во предвид дека и 6 години по потпишувањето на договорот Грција нема спроведено ниту една од превземените обврски. На патните табли кои водат кон Македонија се уште стои Скопје или кратенката ФИРОМ.

Повеќе од 5 години ред во грчкиот пармалент за ратификација чекаат и меморандумите кои се однесуваат на забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за недгледување на летовите.