Само една фирма конкурирала на тендерот за нова компресорска станица на Клинички
Само една фирма доставила понуда за нова компресорска станица на Клинички. Денеска заврши вториот оглас откако министерството ја презеде обврската по пропаѓање на првиот тендер кој го спродедоа Заеднички служби во јули. Доколку ги исполнува условите компанијата за половина милион евра комплетно треба да го промени целиот систем и да ги врати салите во нормална функција.
- Ве известуваме дека пристигната е една понуда, за која во наредниот период, во рамки на законските рокови, ќе се изврши евалуација од страна на Комисијата за јавни набавки и надворешните ангажирани стручни лица, по што, доколку истата ги исполнува условите од тендерската документација, ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка, соопштија од министерството за здравство.
Имајќи ги во предвид роковите, останува неизвесно дали хируршките сали на Клинички дури и на почетокот на идната година ќе почнат нормално да функционираат, без надворешни компресори.
Хаваријата во хируршкиот блок настана во мај, кога извесен период салите беа затворени поради непријатна миризба. Потоа се најде алтернативно решение за операции да се користат надворешни компресори, но интервенциите беа редуцирани, а листите на чекање се зголемуваат.
Се уште не се знае причината за смрдеата. Во јавноста излегоа информации дека е поради опасниот формалдехид во доводот кој не е во употреба, но дополнителните мерења не покажаа присуство на ова хемиско соединение над дозволеното во салите.
Случајот го испитува и обвинителството кое води предистражна постапка дали има елементи на кривично дело.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар