Македонија
2. September 2024 - 16:33

Само СДСМ и Левица ќе гласаат за интерпелација на Гаши

Социјалдемократите ќе и дадат поддршка на Левица за интерпелацијата на спикерот Гаши. Личниот став на партискиот лидер доби поддршка од пратеничката група

За премиерот, интерпелацијата е несериозна и глупава. Неговата партија нема да ја поддржи во Собранието

Од ЗНАМ велат дека ќе одлучуваат на извршен одбор вечерва. Иако е можна секаква одлука, високи партиски функционери за Сител велат дека поголеми се шансите ЗНАМ да му даде поддршка на Гаши, како начин да се демонстрира поддршката која и ја даваат на Владата.

Од ДУИ нема прецизен одговор. Неофицијално кружи сценарио во кое интегративците на почетокот на дебатата ќе го искажат ставот против Гаши и ќе ја напуштат седницата без да гласаат.

Во ВРЕДИ очекувано на страната на Гаши. Сметаат дека инцидентите на аеродромот и граничниот премин не се доволна причина Гаши да ја напушти функцијата.

Имајќи го предвид распоредот на силите во Собранието, извесно е дека Гаши и натаму ќе остане на спикерското место.

И ако фотоелјата на Гаши има извесна судбина, голема неизвесност стои околу иднината на двојазичноста. По  години поминати во фиока, новиот претседател на Уставен вели дека законот за јазиците за многу кратко време ќе се најде пред Уставен. Костадиновски не прејудицира но не ја исклучува можноста 13 иницијативи против овој закон да резултираат со негово укинување или измени.

Политичките лидери велат дека одлуките на Уставен, мора да се почитуваат

За двојазичноста собранието гласаше во 2018та. Станува збор за закон кој предвидува употреба на албанскиот јазик на цела територија и кој беше ставен во правен промет без да биде потпишан од тогашниот Претседател Ѓорѓе Иванов.