Македонија
12. May 2026 - 19:58

Само три лица издржуваат куќен затвор со електронска алка, ќе се менува Законот за пробација

Само три лица издржуваат казна куќен затвор со електронска алка. Ова во пракса покажува дека македонските судии многу ретко изрекуваат условни осуди со заштитен надзор. Министерството за правда подготвува измени на Законот за пробација со кои алките наместо затвор треба да станат правило, а не исклучок.

Покрај ова законот треба да воспостави поефикасен систем, посилна ресоцијализација за осудените лица и поголема заштита на жртвите

-Со законот, мерката куќен затвор добива појасна структура преку примена на електронски надзор и јасно дефинирани процедури за постапување во различни ситуации, вклучително и итни медицински случаи. Во делот на условниот отпуст, се воспоставува заеднички систем за проценка меѓу казнено-поправните установи и пробациската служба, со цел подобра поврзаност меѓу институционалниот третман и ресоцијализацијата во заедницата. За првпат, законот содржи и посебна глава посветена на жртвите на кривични дела, со конкретни обврски за пробациските служби во насока на нивна заштита, спречување на повторна виктимизација и навремено информирање, особено во случаи на семејно и родово базирано насилство, вели министерот Филков.

Системот се модернизира вели првиот човек на Управата за извршување санкции, кој лично секојдневно ги охрабрува судовите повеќе да користат алтернативни мерки. Во моментов активни се над 1000 вакви предмети, но бројката може да биде многу поголема.

Првиот закон за пробација во Македонија се применува веќе 10 години, исто толку време во Министеротсото за правда стојат и 400 електронски алки кои лани за прв пат беа ставени во употреба. Покрај условен отпуст со заштитен надзор, законот предвидува и куќен затвор и општокорисна работа за лица осудени за полесни кривични дела.

Искуствата покажуваат дека ова е најуспешен начин за да се намали пренатрупаноста во затворите, за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.