Саркози во затворот Ла Санте добил смртни закани

Поранешниот француски претседател Никола Саркози добил смртни закани од друг затвореник во парискиот затвор Ла Санте, каде во вторникот започна да ја отслужува својата петгодишна затворска казна, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител во Париз, додавајќи дека е отворена истрага.
„На 22 октомври 2025 година, директорот на затворот Ла Санте го извести обвинителството во Париз за видео кое било споделено на социјалните мрежи, очигледно снимено од затвореник, во кое тој упатува закани по пристигнувањето на Никола Саркози во објектот“, изјави обвинителството во соопштение испратено по е-пошта.
Тројца затвореници се испрашувани како дел од истрагата, а за време на претресот беа запленети два мобилни телефони, се додава во соопштението за медиумите.
Саркози е осуден и затворен во парискиот затвор Ла Санте за заговор за финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година со средства од Либија.
На поранешниот претседател му се доделени двајца вооружени полицајци да го штитат додека ја отслужува затворската казна, потег што предизвика поплаки од синдикатот на затворските чувари.
Осудата на Саркози стави крај на долгогодишната правна битка околу обвинувањата дека поранешниот претседател зел милиони во готово за време на изборната кампања во 2007 година од либискиот лидер Моамер ел-Гадафи, кој подоцна беше соборен и убиен за време на Арапската пролет.
Иако Саркози беше прогласен за виновен за заговор со блиски соработници кои му помогнале сето тоа да се реализира, тој беше ослободен од обвиненијата поврзани со лично примање пари или користење на тие средства.
Тој постојано негираше какви било нерегуларности и го нарече случајот политички мотивиран.
Саркози, кој беше осуден минатиот месец, е првиот поранешен француски лидер кој завршил во затвор по нацистичкиот соработник маршал Филип Петен на крајот од Втората светска војна.
МИА
Ново на Сител
-

Јанчев: По три дена непрекината, макотрпна и пожртвувана работа, пожарот во село Раец е целосно изгаснат
-

Пад на цените на нафтата
-

Николоски: Македонија бележи рекорди во авио-сообраќајот, само во еден месец македонските аеродроми опслужиле над 460.000 патници
-

ЦУК: До 18 часот 14 пожари на отворен простор од кои само еден е активен
-

Косово бара од ЕУ да изврши притисок врз Србија за спроведување на Декларацијата за исчезнати лица
-

Тошковски: Водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење, смее да се користи исклучиво како техничка
-

Двајца македонски државјани прогласени за непожелни во Албанија
-

Ѓорѓиевски: Парична помош за 456 онколошки пациенти во наредните два дена
