Македонија
15. August 2020 - 16:53

СДСМ и ДУИ разговараат за поделба на ресори и кадри - ВМРО-ДПМНЕ размислува да бара оценка на уставноста на мандатот

Почнува распределбата на ресори и кадровски решенија меѓу коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и ДУИ. Преговорите за овие прашања почнуваат денеска на ниво на генералните секретари на СДСМ Љупчо Николовски и на ДУИ Артан Груби. Во соопштението на СДСМ тие најавуваат состаноци во текот на целиот викенд.

„По утврдувањето на коалициски принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада. Исто така, денес започнува процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на предлози за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“, соопштуваат од СДСМ.

Конкретен договор околу ресорите и кадрите неофицијално треба да се очекува на почетокот од наредната недела. Засега нема информација дали на маса пред партиските секретари е и ротирачко премиерското место и барањето за премиер Албанец или пак, тоа ќе остане за лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.

Секретарот на Алијанса на Албанците пак, тврди дека СДСМ и ДУИ дека веќе имаат договор.

Тој смета дека местото на коалицијата на Алијанса и Алтернатива не е во влада заедно со ДУИ.

Во исто време додека се очекуваат првите конкректни информации за евентуалната нова владина коалиција меѓу СДСМ – ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат иницијатива пред Уставниот суд за оспорување на доделениот мандат на Заев да формира владин кабинет. Како што велат од партијата на Мицкоски се уште размислуваат за ваков потег.

ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот ги замрзна односите со шефот на државата Стево Пендаровски веднаш откако тој го додели мандатот за составување на Влада на Заев.