Македонија
19. December 2025 - 16:41

СДСМ ја оспори антимигрантската резолуција на ВМРО-ДПМНЕ пред Уставен - Од ВМРО-ДПМНЕ велат СДСМ се плаши бидејќи лаже за мигрантите

Опозициската СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на собраниската Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, усвоена по предлог на владејачката коалиција.

Од партијата на Венко Филипче оценуваат дека документот претставува цензура и директно уривање на правниот поредок, бидејќи, покрај насоки за антимигрантска политика, содржи и политичка осуда на наративот на опозицијата.

Станува збор за повреда на членот 16 од Уставот, кој ја гарантира слободата на говорот, јавното изразување и забранува цензура во каква било форма. Неуставната резолуција е директен напад врз слободата на говор и политичкото дејствување на опозицијата“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Димитријевиќ.

Од СДСМ велат дека е недозволиво Собранието да усвојува акт со кој се заканува со повикување на Кривичниот законик, прекршоци и кривични пријави поради јавно изнесени ставови, и побараа Уставниот суд да ја укине резолуцијата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираат дека резолуцијата не е неуставна, туку дека СДСМ се плаши затоа што, како што велат, се разоткриле нивните лаги за мигрантите.

Резолуцијата беше усвоена во средата, како контра-документ на најавената резолуција на СДСМ за мигрантската политика.

Темата се актуелизираше минатата недела, откако британски медиуми ја посочија Македонија како можна дестинација за мигранти кои не добиле азил. Опозицијата тврди дека тоа е доказ за постоење на договор, додека премиерот Мицкоски ги демантираше ваквите наводи и повика Обвинителството да провери дали СДСМ со своите изјави предизвикува паника и несигурност кај граѓаните.