СДСМ почнува постапка за избор на нов лидер, Алтернатива ќе преговара за влез во Владата
Станува извесно дека земјата околу Нова Година ќе има нов премиер и нова Влада, по синоќешните состаноци на највисоките партиски раководства на СДСМ и на Алтернатива. СДСМ на 12 декември ќе избира нов лидер што треба да го наследи Зоран Заев кој поднесе оставка, за што постапката почнува утре. Оваа одлука била донесена на синоќешната седница на Централниот одбор на партијата. Алтернатива, пак, го овласти претседателот на партијата Африм Гаши да разговара со Заев или неговиот наследник за евентуален влез во Владата.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска изјави дека Централниот одбор, како што рече, констатираше дека со поднесената оставка на Заев во партијата потребно е да започне процес за внатрепартиски избори. Кандидирањето започнува утре и ќе трае една недела, а право да се пријават имаат сите членови на СДСМ кои ги кои ги исполнуваат критериумите предвидени со статутот на партијата. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката. По изборот на нов лидер, ќе се избираат и органите на партијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали на ЦО било споменато името на Димитар Ковачевски за можен наследник на Заев, Кузеска рече дека се работело за коментар за квалитети на човек, без да прецизира други детали.
Заев на седницата на ЦО информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно, изнесува 61 пратеник и очекува да се создадат можности дополнително да се зголеми со цел да се задржи европскиот курс на државата. Кузеска не даде конкретен одговор кој е 61 – от пратеник.
– ЦО смета дека има простор за разговори за приклучување на Алтернатива врз основа на принципи и вредности, и пренесена е надлежност на Заев за тоа, рече Кузеска.
ЦО на седницата оценил дека државата и надлежните институции со полн капацитет се справуваат со предизвиците од енергетската криза и ги носат сите одлуки во оваа функција. Државниот буџет е ликвиден и има средства да се помогне енергетскиот сектор. Во однос на пандемијата фокусот на надлежните е да преземат чекор за дополнително мотивирање и охрабрување што повеќе граѓани да се вакцинираат. Буџетот за 2022 е развоен и обезбедува повеќе пари за инвестиции во клучните сектори, рече Кузеска.
На 12 декември лидер на Конгрес во Скопје ќе бира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партиски информации, по успехот на локалните избори, се очекува претседателската функција во партијата да ја задржи Христијан Мицкоски.
Претходно синоќа Централното претседателство го овласти претседателот на Алтернатива Африм Гаши да комуницира со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.
– Алтернатива како сериозна политичка партија која отсекогаш знаела да се издигне над сопствените интереси вечерва разговараше за можноста и помошта за откочување на ситуацијата во земјава. Вкупниот заклучок на Централното претседателство беше дека треба да им дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за да може земјата да се надева на датум за членство во ЕУ, изјави портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани по седницата што се одржа во партиското седиште во Скопје.
Муртезани рече дека отсега сè зависи од разговорите и од тоа што ќе се договори.
– Ќе слушнеме каков е нивниот концепт за излез од кризата, дали има волја за заедничка владина програма, и дали актуелните владини партнери имаат волја да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта, рече портпаролот на Алтернатива.
Потоа, како што додаде Муртезни, конечната одлука за влез во Влада ќе ја донесе Централното Собрание на Алтернатива.
– Централното Собрание на Алтернатива може да се свика откога ќе имаме нешто поконкретно од самата подготвеност за преговори, рече Муртезани.
Одговарајќи на прашање рече дека Алтернатива не се води од апетитите за власт.
– Како ќе завршат преговорите не знаеме, повеќе сме заинтересирани за начините за излез од оваа криза, додаде Муртезани.
Во интервју за белградска „Политика“ лидерот на партијата Африм Гаши изјави дека Алтернатива ќе се води од очекувањата на своите гласачи, интересите на Албанците во Северна Македонија, како и државните интереси кои се тесно поврзани со нивните партиски и национални цели.
-Ако во преговорите видиме дека Зоран Заев навистина има искрена желба да ја спаси државата од овој грч, ќе се обидеме да му помогнеме. Длабоко сме заинтересирани за продолжување на евроатлантскиот курс на земјата, за отворање на преговорите за членство во ЕУ, за решавање на спорот со Бугарија и за политичка и економска стабилност, рече Гаши.
Ново на Сител
-
АМСМ: Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
-
Скопјанка измамена за 45.000 денари - ја излажале дека ќерка ѝ предизвикала сообраќајка
-
Пронајдена уште една црна кутија на местото на авионската несреќа во Казахстан
-
Бегајќи од полицијата, предизвикал две сообраќајки - лишен од слобода млад скопјанец
-
Мицкоски: Преговараме со 15 нови странски инвестиции, едната е во вредност од 360 милиони евра и 500 нови работни места
-
Поведена постапка за злоупотреба при јавни набавки во „Државна лотарија“
-
Каминандо Фронтерас: Повеќе од 10.000 мигранти загинати годинава по морски пат до Шпанија
-
Муцунски: Соработката со Република Турција е наш значаен приоритет, им стоиме на располагање на претпиемачите за олеснување на реализацијата на деловните планови