Балкан
3. December 2021 - 16:32

Се конституираше бугарскиот парламент - Се најавува Влада за една недела

Бугарија го конституираше 47-то народно собрание, трето за само 8 месеци. 

Кирил Петков, еден од лидерите на победничката партија „Промените продолжуваат“ најавува и состав на политичка Влада до крајот на следната недела. Во преговори за новиот кабинет се 4 партии, но конкретни имиња се уште не се откриваат.

Сите партии ќе имаат министри во Владата. Сè уште нема да ги споделам имињата на луѓето. Сметаме дека идната коалиција ќе биде најодржлива доколку сите партии имаат учесници во оваа Влада. Нема што да не се согласуваме, формирањето коалиција изгледа многу реално. Се надевам дека наскоро ќе објавам потпишан коалициски договор, вели Петков.

Без директно да ја спомене Македонија, бугарскиот претседател Радев од новите пратеници побара консензус за надворешната политика и почитување на бугарските национални интереси. Токму дипломатијата Радев ја издвои како клучна во овој период кога вели дека во прашање се доведени бугарскиот идентитет, историја и култура.

Радев и вчера ги бетонираше бугарските позиции во преговорите со Македонија. На само 10 дена пред клучниот и последен самит на Европскиот совет годинава, на средби со претседателите на Франција и Германија, Радев потврди дека ветото останува се додека Македонија не покаже конкретни резултати во преговорите и запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, но и од страна на државните и научните институции.

Четирите бугарски партии кои се очекува да ја формираат идната владина коалиција исто така изразија став дека нема да брзаат со отстранување на ветото.