Бизнис
5. March 2021 - 16:31

Се кршат работничките права

Плата под законскиот минимум, неисплатена прекувремена работа, работа над 8 часа, неисплатен К-15, работа во денови наменети за одмор ова се дел од работничките права кои се уште наголемо се кршат. Од државниот инспекторат за труд велат дека најпогодени во оваа сфера биле работниците во преработувачката, текстилната и чевларската индустрија, како и во градежништвото и угостителството. 

Работниците се многу поохрабрени за разлика од претходните години во пријавувањето на прекршувањето на правата од работен однос. Ги охрабрувам сите работници кои сметаат дека нивните права се прекршени слободно да пријават во Државниот инспекторат за труд“, рече Јована Тренческа, директорка на државен инспекторат за труд.

Во Прилеп за време на пандемијата имало и отпуштања од работа и прекршување на Законот за работни односи.

Имаме информации дека минатата недела во дел од компаниите кои се во ТИРЗ има отпуштање на работници. Да им се даде можност на работниците да го пријават нештото и во соработка со Државниот инспекторат за труд да ја увидиме состојбата на тие компании“, рече Рубин Аризанкоски, здружение „Достоинствен работник“.

Исто така една од најпогодените области за време на пандемијата е и земјоделскиот сектор за кој се бара поголема помош од државата. 

Треба да се насочиме кон поинаква поддршка за нив, и финансиска, меѓутоа и менторска поддршка за тоа како може да го зачуваат своето производство, да обезбедат пласман за своите производи, да имаат можност како да ги достават ресурсите. Со затворањето на пазарите тие немаат основна можност да набават ресурси за работа“, изјави Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Во Прилеп се дебатираше и околу тоа како да се унапредат работните услови за време на пандемијата, а како да се испочитуваат мерките и протоколите кои се донесени од страна на Владата.