Македонија
24. October 2020 - 16:42

Се намалува медицинскиот кадар, ако има потреба пациенти ќе се лекуваат во странство

Тројца здравствени работници од Клиниката за гинекологија имаат Ковид 19 и во моментот се на домашно лекување. Двајца лекари и 6 сестри од струмичката болница кои имаа позитивни тестови се опоравуваат и наскоро треба да се вратат на работните места. Вирусот не ги поштедува и медицинските лица и во моментот стотина од нив се меѓу активните случаи на корона. Само оваа недела, пак, двајца хирурзи од кумановската и штипската болница починаа поради компликациите од корона. Здравствените власти најавуваат дополнителни болнички капациетети  низ државата само за третман на тешко болни со Ковид. Но колку ќе има кадар да одговори на зголемениот наплив на хоспитализирани?

-Секако и друг кадар ќе работи со овие пациенти. Еве во европски држави препраќаат пациенти од една во друга држава за да бидат згрижени. Се надевам такво сценарио нема да дојде и кај нас и еве, затоа се подготвуваме со тоа што има и други капацитеи во болниците, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Од вчера се прават и списоци на клиниките за медицински сестри, болничари, техничари и хигиеничари кои ќе помагаат на Инфективна и во модуларната болница која се полни со пациенти. По систем на ротација ќе одат и лекари, а дел од нив веќе работат во болниците од внатрешноста. Доколку дојде до сериозно влошување на состојбата со голем наплив на тешко болни, на испомош на колегите во инфективните одделенија, здравствените власти велат дека можат да бидат ангажирани и медицински лица од приватни болници и установи кои се во мрежата.

По исполнување на капациентот во модуларната болница, следна со 40 кревети за возрасни е детската болница во Козле каде и досега третираат деца и мајки позитивни и сомнителни на Ковид. Филипче најавува и дополнителни капациенти во ГОБ 8-ми септември, која во моментот има оддел со 55 кревети кој веќе е исполнет.