Македонија
11. May 2021 - 16:39

Се подготвуваат списоци за вакцинација на вработените во текстилниот сектор

Приватниот сектор, посебно фирмите со голем број вработени ќе се вклучат во процесот на масовната имунизација и ќе добијат третман на критична инфраструктура, како и вработените во полиција, армија, образование и комунални претпријатија.

- Правиме напори да се вклучат и приватните институции во Самиот процес на вакцИнација, посебно вработените во текстилната индустрија, која е водечка во нашиот град, изјави д-р Дијана Коцева - Миланова, одговорна за ковид вакцинација во Штип.

Компаниите треба да изготват списоци со нивни вработени кои ќе пројават интерес за вакцинација и да ги достават до Здравствените домови, од каде ќе добијат термини за вакцинација во регионалниот пункт.

- Тоа е процес кој што го договараме и ќе зависи и од бројот на лица кои се пријавиле на вакцинација.мк, додаде д-р Коцева – Миланова.

Од денеска старосната граница е спуштена, па на пунктот за вакцинација се имунизираат граѓаните од источниот и југоисточниот регион, постари од 60 години.

- Врз основа на старосна граница, по моја желба, сакам лично да се заштитам и тие околу мене, жителка на Радовиш.

- Задоволна сум од услугата, се е во ред. Вакцините се пожелни треба секој да ги прима, бидејќи тие се превентива, жителка на Виница.

- Дознав дека примаат, иако не сум пријавена, а бидејќи имам желба што побргу да се вакцинирам, заради тоа дојдов, додаде жителка на Радовиш.

- Премногу сум задоволен. Си има ред, жител на Штип.

Здравствените работници велат дека континуирано и се доставуваат нови контингенти, што им овозможува дневно да аплицираат и до 1500 вакцини.