Loading Video...
Македонија
22. October 2020 - 12:43

Се поизвесна бугарска блокада за ЕУ

И покрај оптимизмот и големите очекувања во Брисел, официјалниот старт на преговорите за членство во Европската Унија за Македонија и натаму останува неизвесен. Бугарија демонстрира цврсти позиции во намерата да ја блокира земјава на нејзиниот пат кон европското семејство, барајќи крупни отстапки кои ќе го редефинираат македонскиот јазик и идентитет.

По блокадата на Договорот за ФРОНТЕКС, Бугарија вчера на амбасадорскиот совет најави блокада и на усвојувањето на преговарачката рамка поради скратеното име на државата кое се користи во официјалната кореспонденција и поради македонскиот јазик.
Дипломатски извори ја потврдуваат бугарската намера. Велат, и покрај тоа што Бугарија нема поддршка за своите позиции кај ниту една земја членка на Унијата, никој со сигурност не може да потврди дека официјална Софија нема да ја реализира својата намера и ќе овозможи Македонија до крајот на годината да ја одржи првата меѓувладина конференција со кој и официјално ќе почнат преговорите со Европската Унија.

Амбасадорите  на прашањето за преговарачката рамка најавија дека ќе се навратат идната недела, со надеж дека ќе има веќе некаков напредок дотогаш помеѓу двете страни, но потсетуваат дека одредени земји членки на ЕУ имаат забелешки и на други теми поврзани со реформата на методологијата на преговарачкиот процес.
Голем број амбасадори и дипломати во текот на вчерашниот ден изразија надеж дека Бугарија нема да ги реализира заканите. Оптимизам демонстрираше и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров иако премиерот Заев, уште еднаш повтори дека Македонија треба да се подготвува и за сценарио во кое би била соочена со ново одолжување на интегративниот процес.

Димитров вчера доцна вечерта во изјава за „Политико“ вели дека Македонија е посветена на имплеметација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и оти Софија одигра клучна улога во повторно актуелизирање на прашањето за проширување на Европската Унија, но напомена дека досегашниот успех ќе биде ставен во ризик доколку не се најде решение за ќор сокакот, кој настана поради спорот со Бугарија.

-Едноставно не е во ред македонскиот јазик да биде пречка за нашата европска иднина, доколку се земе предвид дека ЕУ е заедница, која ги вреднува различностите, изјавил Димитров за „Политико“

Но на дипломатските напори многу не им помагаат последните сигнали кои доаѓаат од Софија особено последното интервју на бугарскиот Министер за одбрана, Красимир Каракачнов кој во интервју за локално радио најави дека е подготвен да ја испрати бугарската војска која како што рече ќе им помогнела на македонските колеги да ги отстранат спомениците кои потсетуваат за бугарската фашистичка улога во периодот на втората светска војна војна.
Изјавата на Каракачанов во Македонија беше коментирана како недолична и недостојна со уверување дека тоа не е став на бугарскиот народ и академската заедница. Сепак, македонската страна избегна да преземе било какви дипломатски чекори испраќајќи некаква форма на протест.
Македонија и Бугарија немаат многу време за да ги испеглаат разликите бидејќи последната шанса за усогласување на преговарачката рамка треба да биде Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел. Во такви околности, сите надежи се свртени кон најавената средба на Заев и Борисов во Софија на почетокот на идниот месец која веројатно ќе даде и дефинитивен одговор, дали Македонија ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија пред крајот на оваа година.